Blue Resonance / View of installation
Датум на продукција | 2021 |
Димензии | 210 x 320 x 150 cm |
Категорија | Инсталација, Скулптура |
Наспроти претходните кружни и сферично компонирани објекти, Мазневски повторно ќе нѐ насочи кон една друга сосема поинаква творечка игра. Иницијалното восприемање на играта ќе се одвива по кружницата на едноставната, но илуминирана патека на монументалниот [Објектот е изработен од 550 м лед неонски ленти, залепени врз лесонит со димензии од 280 х 200 х 10 см.] елипсовиден објект „Сина резонанца“, кој е сосема различно конципиран од сите други претходни објекти. Пред да сe фoкусираме поконкретно на ова дело, ќе се задржиме повторно на симболичките референци на неговата морфологија. Ова геометриско тело уште од древните времиња, во различните култури, го имало сличното симболичко значење. Освен како космичко јајце, елипсата била олицетворение на првобитната вселена, таен извор и чувар на словото, на мистериите на космичкото постоење, на просторот и времето, на единство на спротивностите итн. Некои од наведените симболички значења може да ги препознаеме и во овој мануелно компониран светлечки објект, во кој авторот истовремено ни го осветлува и ни го крие изворот на неговата игра. Таа монументална слика, пред сѐ, поради своето интензивно зрачење, може да ни реферира на танцот на првобитната светлина на вселената во која се кондензирани „енергијата, фреквенцијата и вибрацијата“ и што генијот на Никола Тесла низ неговата животна игра ги сублимираше во „светото тројство на универзумот“. За еманацијата на ова свето тројство, Тесла му ја остави на човештвото следнава порака: „Напишете дека господин Тесла си играше. Си играше цел живот и во тоа уживаше… Напишете и дека беше среќен човек…“[https://www.osam.rs/tesla-o-energiji-vibraciji-svetlosti-masti/] Претпоставуваме дека оваа порака допре и до нашиот автор играч на уметничките игри кој не си играше само во овој, туку и во другите претходни проекти.
Во мигов ќе се задржиме на рамниште на видливиот, на првородениот светлосен објект на Мазневски кој е сведен на еден извор, на една „огледална плоха“ во која „светлосните честички се враќаат во првобитната состојба, т.е. во енергијата.[Ibid.] Освен што е присутно пулсирањето на ритамот на времето и циркулирањето на енергијата, во просторот ја чувствуваме наизменичната игра на присуството и отсуството на ритамот помеѓу манифестното и неманифестното, конечното и бесконечното. Од енергетското поле на објектот остануваат да се еманираат само вибрациите и рефлексијата на светлината, како и минималното резонирање на фреквенциите на звукот коишто непосредно влијаат врз перцептивното и аудитивното поле на набљудувачот. Светлината во објектот се восприема како звук, зашто звукот, според Тесла, се трансформира во светлина и во боја, така што и бојата и светлината можат да се слушаат. Но она што останува невидливо за перцепцијата, но „видливо“ за сетилното поле на реципиентите, тоа е дејствувањето на енергијата на електромагнетните бранови, кои флуктуираат и се синхронизираат со ритамот на телесното битие на човекот. Оттука, резонирањето на овој објект, како и влијанието на електромагнетните бранови врз набљудувачите, се поврзува со супстанцијата на универзумот чија врховна енергија поседува бесконечен број манифестации. Но она на што ни реферира овој објект и што самиот автор го промислува и го преферира, тоа се аналогијата и синхронизацијата со Шумановата резонанца.[Шумановата резонанца претставува збир на фреквенции кои се наоѓаат на самиот врв на екстремно ниски електромагнетни фреквенции во електромагнетното поле на Земјата. Таа влијае врз сите живи суштества чија оптимална вредност е 7,83 Hz, при што луѓето се чувствуваат најдобро кога се хармонизирани со фреквенциите на планетата.] Авторот ќе ни ја открие тајната што се однесува до генерирањето на овој илуминативен објект.
Импулсот за создавањето коинцидира со времето на појавата на еден небесен феномен, кој се случува секоја трета година. Тоа е појавата на полната, популарно наречена „сина Месечина“,[Секој месец има полна Месечина, но бидејќи лунарниот циклус и календарската година не се совршено синхронизирани, на секои три години добиваме две полни Месечини во истиот месец.] која всушност нема сина, туку стандардна боја. Во извесна смисла, оваа небесна појава го иницирала дефинирањето на насловот, зашто самиот објект е создаден токму во времето на појавата на првата, па сѐ до појава на втората сина Месечина.
Иако за нејзината боја научните мислења се контрадикторни, сепак, нејзиното име сѐ уште функционира. Месечината како најблиско небесно тело, како природен сателит, кој кружи по елиптичната патека околу нашата планета, не ја емитува сопствената, туку сончевата светлина, која се рефлектира на нејзината површина и од неа се рефлектира на Земјата.
Влијанието на моќната енергија на Месечината отсекогаш била инспиративна за астрономите, уметниците, поетите и композиторите,[Се мисли на „Месечевата соната“ на Лудвиг ван Бетовен (Ludwig van Beethoven).] така што и во објектот на Мазневски ја препознаваме не само симулацијата на нејзината елипсовидна морфологија, туку и полното енергетско зрачење на вибрирачката сила на светлината, која дејствува врз севкупното сензитивно поле на набљудувачите.
Соучеството во овој кружен лудистички обреден танц на Мазневски, целиот проект Како што е, го доживеавме како eден иницијациски ритуал. Вовлечени во играта на авторовото привлечно „електромагнетно поле“, ги видовме и „слушнавме“ сите дела, без оглед на нивниот материјален, морфолошки и композициски аранжман, како заемно се проникнуваат и се слеваат во полифоничниот ритам, кој продолжува и натаму да одѕвонува и да резонира во нашата мемориска слика.