Скица за скулптура New York Times & Village Voice

NYC, NYC

Датум на продукција 1997
Категорија Инсталација, Скулптура, Сликарство

Делото „Њујорк, Њујорк“ (1997) се појавува како непосредна рефлексија на уметниковата средба со градот во кој престојувал, како илустрација на состојбата „индивидуа“ меѓу мноштвото податоци, информации, индустриски и технолошки достигнувања собрани во еден кондензиран економски центар. За оваа акумулација, авторот користи најдени, собрани весници од тековните издавачки куќи The Village Voice, The New York Times, кои доминантно го обликуваат јавниот дискурс на масовната информација сѐ до денес.

Оваа акумулација конституирана од делови од весници ги затскрива „поп-артистичките“ извори за комуникација на уметничкиот медиум со масовната публика, бидејќи тие стануваат есенцијален, но обезвреднет податок, кој постои само поради структурата на делото, а не обратно. Ректангуларниот облик на скулптуралното дело има своја густина и тежина, поголема отколку што се претпоставува и таа не е само фактичка, туку и содржинска, како компресирано синестетичко искуство. Претставата за центарот на глобалната моќ, преточена во темна карбонска „еко-скулптура“, сведочи за компресирана циркулација на капиталот и неговите човечки ресурси и резерви, чиј крај е претпоставената имплозија или самодеструкција. Овој ликовен исказ го утврдува идеолошкиот имагинариум на секој уметник, како „однос на поединецот спрема сопствените реални услови за егзистенција“[Luj Altiser, Ideologija i državni ideološki aparati, ur. Dejan Ančič, prev. Andrija Filipovič i Goran Bojovič (Beograd: Karpos, 2015), 48.] и неостварливите императиви за препознатл вост или вреднување од некои замислени авторитети во светот на уметноста и нејзиниот центар како глобален „пазар“ за интернационална размена на „уметничкиот производ“. Соочен со „вистинското“ збиднување во нуклеусот на уметноста и јазикот на каузалноста и/или утилитарноста кој ја експлоатира уметничката есенција, уметникот ги преиспитува сопствените погледи на светот, низ еден субјективистички оптикум. Загледаноста „во“ или соочувањето „со“ она што значи западна цивилизација, авторитарни, контролирани друштва, системи и потсистеми, машинизацијата и контролата врз когнитивниот простор на креативната индивидуа, во оваа ликовна постапка, резултира со повлекување во сопствената смисла за намерно себе-отуѓување, себеисклучување и дистанцираност од процесите на унисоно потчинување.

Во оваа ликовна диегеза, авторскиот глас е „социјален феномен исто онолку колку што е индивидуален“, бидејќи „таму кај што има дискурс нужно постои глас“.[James Phelan, Narrative as Rhetoric: Technique, Audience, Ethics, Ideology (Colum- bus: Ohio State University Press, 1996), 44-47.] Со извесна иронија во гестуалниот тон, Мазневски преку оваа творба ретроспективно резимира секвенци од својот „начин на гледање“, како одраз на еден сеизмографски импулс кој бележи сингуларизирано присуство на „уметникот“ во светот на можностите.