Proekt ЈКС Јавен Коњски Сообраќај
Датум на продукција | 1999 |
Категорија | Друго (проекти, скици, видеа, фотографии, документарци) |
Визионерскиот хоризонт на Мазневски, за едно идно-имагинарно, поинакво време, инженерски и естетски издржано се потврдува преку идејниот „социјален проект“ за јавен градски превоз, „Проект ЈКС“ (1999),[Project PHT – Public Horse Trafic.] како навраќање кон смислата на бавниот, забавен „начин на циркулација“, не само низ транзитивните зони, или улиците на градот Скопје, туку и во општеството. Променливоста на смислата на обичниот живот, тука во овој наратив, авторот ја скицира како една реверзибилна временска прогресија, обмислена преку разработка врз моделот (аналогни фотографии) на современата градска слика. Културолошкиот материјалист и критичар Рејмонд Вилијамс (Raymond Williams), анализирајќи го поимот или состојбата „индустрија“, укажува дека во последните декади на деветнаесеттиот век, значењето на овој поим претрпува промени, станувајќи колективен поим за мануфактурата и продуктивните институции и нивните генерални активности.
Пишувајќи за богатството на нациите, Адам Смит во 1776-та го изедначува овој поим со „институција“, како „тело со активности“, а не како некаков „човечки атрибут“.[Raymond Williams, Culture & Society: 1780-1950 (Garden City, New York: Anchor Books, Doubleday & Company, Inc., 1960), xi.] Брзиот пораст на овие институции доведува до формирање на нов систем во 1830 година, наречен „индустријализам“, кој радикално ја менува и структурата на општествениот систем, кој исто така се менува во тоа време. Индустриската револуција создава нови обрасци според кои се случуваат сериски трансформации на методите на производство, имплицирајќи во одредена мера структурирање на она што се препознава како „ново општество“ и „култура“ како општа состојба на интелектуалниот развој во општеството како целина. Ракописот, вокабуларот на Мазневски во ова ликовно проседе провоцира извесни културални и социолошки односи кон утилитарноста и функционалноста на индустрискиот производ – градскиот превоз, онтолошки подвлечен и преисцртан, како процес спротивен и противречен на капиталистичкиот поредок и неговите иманентни движења и брзини. Сложеноста на оваа наративна фабула се состои во „гледната точка“ на авторот и методологијата преку која се адресира и раскажува одредена визуелизација. Документарната природа на изворниот материјал, како „индексичка врска“ со „реалноста“, е од суштинско значење за дијалектичкиот сооднос што го зазема оваа временско-просторна јукстапозиција на врамената содржина.
Манипулацијата преку техниката сува игла и ретуш врз избраните „отсечени“ делови од вистинските пејзажи, простори и урбани предели, претставува своевидна „дискрепантна монтажа“ [montage discrepant], како радикална индивидуализација на новата слика, автономна во однос на архивскиот материјал, таа генерира семиотички прекин со изворот, конфликтуално, произведувајќи ново значење.
Автентичните дводимензионални скици за овој проект (основа, пресек и изглед), направени врз неутрална подлога во размер 1:24, покажуваат прецизна обмисленост на транспортните возила, дизајнерски обликувани како функционални и наменски индустриски производи, естетизирани според аеродинамични, ергономски и ентериерни специфики како конкретен концептен предлог што би можел да биде предмет на производство и репродукција. Во оваа наративна шема се огледува длабоката цивилизациска одговорност на авторот, кој планира и проектира „корисен предмет“ кој би одговорил на потребите на човекот, соодветно издржан не само како индустриски дизајн туку и еколошки, глобално, социјално и културално „етички“ концепт. Преисцртувањето на концептот во реален контекст, врз тридимензионални фотографии во размер 1:1, сугерира преместување, дислокација, од просторот на репрезентација во доменот на реалниот контекст, диверзирајќи ја содржината на изворниот материјал – градската слика, критички според формалниот израз [détournement], овој концептуалистички [dérive] зазема положба на експериментално однесување поврзано со условите на урбаното општество.