Скица за инсталацијата Meѓувреме

Meѓувреме

Датум на продукција 1995
Категорија Инсталација, Скулптура

Една посложена и покондензирана реверберација се забележува во амбиентот-инсталација „Меѓувреме“ (1996),[Ова дело првпат е изложено на самостојната изложба во Младинскиот културен центар, 1997, Скопје, а подоцна во рамки на групната патувачка изложба „Зрачења: рецентна македонска уметност“, Музеј на современата уметност, Скопје, 1996, Павилјон Вељковиќ, Белград, Југославија, 1996, Bayerische Landesbank Gallery, München, Germany, 1996 Центар за културна деконтаминација, Белград, 23 Мај, 1998. Повеќе види во Sonja Abadžieva, Radiations, trans. Filip Korženski (Skopje: Skopje Museum of Contemporary Art, 1998).] како поврзување на најдени пресоздадени и создадени предмети во еден густ и истовремено разреден дијалошки облик. Триделната композиција, како просторно координиран мизансцен, е составена од фигура-спектатор која претпоставено „го набљудува“ движењето на мали преземени фигурини, поставени врз безвучна грамофонска плоча во процес на ротација и една самостоечка акумулација на концептот „the end“ поставена на постамент. Просторната игра помеѓу елементите составува една длабоко внатрешно-значенски кодирана предлошка, поткрепена со хроматската поливалентност на црната боја, како „ликовен монограм“ кој ја отпечатува перформативната димензија на ова дело. Психолошката пенетрација на состојбата „индивидуализам“ изразена преку „набљудувачот“ застапува една внатрешна интонација на концептот „припадност“, молчаливо соопштувајќи ја зависноста на она што значи „внатрешна слобода“ во однос на „минливоста“. Ритуалниот вртеж на малите животински фигури поставени врз ротациска подлога ја одразува состојбата на непроменливост или неможност за „слободна игра“, како состојба на збиеност околу сопствениот eidos и „трансценденталното“ кое го доведува во прашање „присуството“ во определен социолошки или културален миг. Артисанската димензија на оваа творба е импрегнирана во поетското пресоздавање на зборовната структура или асемблаж „the end“, составен од готови линотипски елементи – букви и празни, бланко, геометриски, минималистички и апстрахирани од автентичниот контекст – композитни делови, чија бесфункционалност е најнепосреден резултат на идејата за ликовна композиција. Овој „куфер“, слично како и Дишановите кутии Botte de 1914 (1914) и Botte-en-valise (1934), претставува факсимил на оригинални авторски белешки, спакувани во еден временски пренос на уметничките артефакти. Сензибилитетот за „пакување“ и „отпакување“ е иманентен и за флуксовите уметници. Џорџ Макјунас оставил зад себе цела серија дрвени и винилни кутии, со различни содржини и асемблажи од предмети кои припаѓаат на ко- лективното творештво на уметниците од ова движење, како носители на информацијата за некое идно време.[Hannah Higgins, Fluxus Experience (Berkeley and Los Angeles, California, London:Universityof California Press, 2002), 33-44.] „Тишината не постои“, изјавува Џон Кејџ (John Cage), кој преку својата композиција во три дела 4’33” (1952), ја исполнува празнината преку отсуството, потврдувајќи ја концептуалната спротивност на она што се изостава, негира, исклучува – звукот. Така и во овој контекст, тишината зазема идентитет како протегање на времето, на поетското време, како вечен вакуум или нужен процес на самозатворање пред какво било сетилно создавање на уметничкото дело. Реалната димензија на оваа творба е искуственото, не концептуалното, поврзувајќи ги различните нешта и простори на авторскиот континуум. Визуелниот континуитет помеѓу посебните елементи (состојби) се случува во „виртуелното поле“ на „настанот“, таму каде што движењето е единствено можно, спојувајќи одделни временски секвенци во единствена целина. „Времето се открива внатре во настанот“, ќе запише Жил Делез, како симултаност на трите имплицитни „сегашности“, „сегашност на иднината“, „сегашност на сегашноста“ и „сегашност на минатото“.[Gilles Deleuze, Cinema 2: The Movement Image, trans. Hugh Tomlinson and Robert Galeta (Minne- apolis: University of Minnesota Press, 1989), 100.] Композицијата „Меѓувреме“ ги открива „а-темпоралниот ред“ на креативниот чин и „реалната“ состојба на „привременост“ на креативната енергија, која се закотвува, празни или пресоздава, преку реалниот облик на уметничкото дело.